(Видео) Мизо: Многу е важно да има реализација на очекувањата и барањата на бизнис секторот

„Граѓаните треба да бидат среќни ако не ни биде полошо“ вели професорот по економија – Ванчо Узунов во најновото издание на Трилинг во врска со ветувањата и очекувањата од новата влада на мандатарот Христијан Мицкоски.

Виктор Мизо, генерален директор на „Костал“ во Трилинг рече дека „од секоја нова Влада, во Македонија очекувањата се на економско поле. Што и како ќе се направи за економијата, за подобрување на стандардот, за нови инвестиции, за нови работни места. Мислам деке е време да се фокусираме на тој дел. Треба да имаме еден подолгорочен пристап, можеби 10 годишен пристап. Многу е важно да има реализација на очекувањата и барањата на бизнис секторот“.

За идејата за нови министерства, Узунов е со став „Дојдоа со програмата ќе ја намалуваме администрацијата, а првата мерка, уште не седнати во Влада е спротивна – ги зголемија институциите, а тоа воопшто не е буџетирано. Што значи дека ќе треба буџетот да се зголемува“.

Според Мизо, бројот на вработени во таа државна администрација треба „да не се зголемува и да се најде начин како со тек на време да се рационализира“.

За инвестициите професорот Узунов смета дека се „само во најава. Политичарите во Македонија не научија една лекција – не учат од своите грешки. Ветувања носат очекувања, па остварувања и на крај разочарувања. Сите партии, сите Влади до сега паднаа на истиот штос. Оваа уште пред да застане на власт ја направи таа грешка“.

За деталите од ветената една милијарда евра, што ја навести мандатарот Мицкоски, Мизо смета дека ќе бидат познати штом се конституира новата Влада.

„Штом тоа ќе се случи ќе бидат објавени деталите како се обезбедени тие средства, и во кој период ќе дојдат и на кој начин ќе бидат алоцирани. Барем дел од тие средства се надевам ќе бидат алоцирани можеби кон директно кредитирање пред се на домашните компании“ вели Мизо.

За милијардата, пак, Узунов вели „Страв во коски од таа една милијарда, зошто некој некому денеска би му дал милијарда со евтини услови, за љубов – во меѓународна политика тоа нема. Треба Македонија нешто да испорача, што – не знае никој“.