Лимани и Камбовски дадоа свечена изјава како нови членови на Судскиот совет

Судството треба да биде независно како што се независни другите власти во државата.

Ова е пораката што ја испратија судиите Исамедин Лимани и Александар Камбовски откако пред собранискиот спикер Африм Гаши утринава дадоа свечени изјави како нови членови на Судскиот совет.

Во куса изјава за медиумите по свеченоста, Лимани и Камбовски порачаа оти никој не треба да не се меша во судската власт, но не дадоа конкретен одговор на прашањето за евентуалното распуштање на Судскиот совет, кое заедно со Советот на јавни обвинители, ВМРО-ДПМНЕ го најавува во неколку наврати пред и по изборите.

„Немам што да мислам, не знам какви предлози има (за распуштање на Судскиот совет н.з.) Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите проблеми“, рече Камбовски.

Прашан за коментар за најавите за распуштање на Советот, ниту судијата Исамедин Лимани не даде конкретен одговор. Тој се повика на законските и уставните одредби за независноста на ова тело и порача дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.

„Бидејќи уставотворецот – Собранието е законодавец и установотворец, тие имаат надлежност ако го менуваат Уставот бидејќи се знае, според уставните одредби, амандманите што се донесени во 2006 г. судството е независна власт. Но кога може да го менува Уставот, Собранието може да донесе и други реформи како уставотворец“, рече судијата Лимани