Хрватска на сè или ништо против Албанија
На шестиот ден на Европското првенство во Германија нè очекуваат првите натпревари од второто коло од групната фаза.
Оваа фаза ќе ја отворат фудбалерите на Хрватска и Албанија во Хамбург од 15.00 часот, во многу важен натпревар од групата Б, бидејќи двете селекции доживеаја порази на стартот од турнирот. Хрватска потфрли против Шпанија и загуби со 3-0, додека Албанија се покажа како „тврд орев“ за Италија, но не го сочува раното водство и беше поразена со минимални 2-1.
Затоа овој дуел е клучен за двете селекции, бидејќи во случај на нов пораз, шансите за пласман во осминафиналето се сведуваат на минимум. Албанците се повеќе растеретени поради нивната положба како аутсајдери, додека Хрватите се под голем притисок, бидејќи станува збор за третопласираната селекција од последното Светско првенство во Катар.
Потоа, од 18:00 часот на терен ќе истрчаат селекциите на Германија и Унгарија во Штутгарт, а во вечерниот термин од 21:00 часот на теренот во Келн ќе излезат Швајцарија и Шкотска.
Избраниците на Јулијан Нагелсман на вистински начин го отворија Европското првенство, со победа од 5-1 над Шкотска, и доколку ја повторат истата игра не би требало да имаат проблем против Унгарците собирот го започнаа со пораз од Швајцарија.
Шкотска,пак, ќе сака да го подобри впечатокот по дебаклот од домаќинот, но тешко веројатно дека ќе успее во тоа бидејќи пред себе ќе ја има разиграната Швајцарија.