Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вети целосна поддршка за руската војна во Украина пред денешната средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој пристигна во Пјонгјанг со намера да ја зајакне економската и воената соработка.
Говорејќи во пресрет на самитот за кој отпатува во Северна Кореја по 24 години, Путин му се заблагодари на Ким за неговата поддршка во Украина и рече дека двете земји ќе потпишат договор за зајакнување на партнерството во „борбата против империјалистичката хегемонистичка политика на САД и нивните сателити против Русија“, пренесе Бета-АП.
Северна Кореја е под тешки санкции на Советот за безбедност на ОН поради нејзината програма за оружје, додека Русија, исто така, се соочува со санкции од САД и нејзините западни партнери поради нејзината агресија врз Украина.
По разговорот еден на еден, двајцата би можеле да дадат заедничка изјава, а Ким ќе биде домаќин на дочекот, пренесуваат руските медиуми. Се очекува Путин утре да отпатува за Виетнам.
Путин ги поздрави врските што започнаа со советската војска и борбата против јапонската војска на Корејскиот полуостров во последните операции од Втората светска војна и поддршката на Москва за Пјонгјанг за време на Корејската војна.
Ким рече дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг сега се уште поблиски отколку во советско време и ја нарече посетата на Путин како можност за зајакнување на нивното „огнено пријателство“.
Ким вети „целосна поддршка и солидарност на неговата земја на руската влада, армија и народ во спроведувањето на специјална воена операција во Украина за заштита на суверенитетот, безбедносните интереси и територијалниот интегритет“.
Тој, исто така, ја поздрави, како што истакна, „важната улога и мисија на Русија во зачувувањето на стратешката стабилност и рамнотежа во светот“.
Пред разговорите, Ким го пречека Путин со раскошна церемонија на главниот плоштад во градот, каде ги претстави клучните членови на севернокорејското раководство, вклучувајќи го министерот за надворешни работи Чое Сон Хуи, главниот помошник и секретар на владејачката партија Џо Јонг Вон и сестрата на лидерот Ким Јо Јонг.
Голем број граѓани се редеа по улиците за да ја поздрават колоната, извикувајќи „Добре дојдовте Путин“ и веејќи цвеќиња и знамињата на Северна Кореја и Русија.