Триумфот на македонската фудбалска репрезентација над актуелниот европски шампион Италија и пласманот во финалето од мундијалскиот бараж нашите фудбалски репрезентативци и членовите на стручниот штаб ќе го прослават заедно со навивачите доцна попладнево на скопскиот плоштад „Македонија“.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најави дека националниот тим се очекува да ги поздрави присутните навивачи на плоштадот во Скопје околу 18:30 часот.
Пристигнувањето на фудбалската експедиција на скопскиот аеродром со чартер-лет од Палермо е најавено за околу 17:30 часот.
Голем број македонски навивачи синоќа спонтано ја славеа големата победа низ скопските улици, но и низ другите градови во државата.
Сепак, грлата и аплаузите треба да се чуваат за вторник вечер кога очекуваме пулените на селекторот Милевски да го „положат и најтешкиот испит“ и во Порто преку Португалија на Кристијано Роналдо да го визираат патот кон Мундијалот во Катар.