Македонскиот премиер – Димитар Ковачевски во Брисел ја искористи приликата за да се сретне со соговорници од ЕУ. Тој не сакаше да лицитира со датуми за одржување на ветената меѓувладина конференција за старт на преговори, и рече дека никогаш не го споменал јуни, но предупредува дека секое одлагање го зголемува скептицизмот во земјата и им остава простор на актери блиски до режимот на Владимир Путин.
„Неотпочнувањето на преговори со Република Северна Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската Комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ. Тоа дава лош сигнал како за нас така и за цел регион. Министерот за надворешни работи сподели тоа што беше дел од одредени истражувања, а тоа е дека поддршката за ЕУ е сѐ уште на исклучително високо ниво, над 68 проценти. Меѓутоа неисполнувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција го зголемува скептицизмот кај одредени групи, што е нормално во еден таков долг процес и не е добро. Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат РСМ како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа. Бидејќи да не заборавиме ние сме најновата членка на НАТО, каква што станавме благодарение на тешките одлуки, меѓутоа сега гледаме колку е значајно да се биде земја членка на НАТО со оглед на тоа што безбедноста на државата се гарантира од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот“ – вели премиерот Ковачевски во интервју за државната МИА.
Ковачевски вчера се сретнал и со премиерот и со претседателот на Бугарија, Кирил Петков и Румен Радев. Тој вели дека градењето доверба помеѓу двете страни е поважно од лицитирање со датуми.
„Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните“ – вели Ковачевски.