Селекторот на македонската фудбалска репрезентација – Благоја Милевски не го криеше задоволството по синоќешната сензационална победа над Италија (1-0), истакнувајќи на прес-конференцијата по натпреварот во Палермо дека е горд на своите играчи.
„Победивме во италијански стил против Италијанците, со гол од два обиди. Многу сум среќен поради оваа победа и горд на овие играчи“ – изјави Милевски, кој ја однесе македонската репрезентација во финалето од мундијалскиот бараж во кое во вторник на гостински терен противник ќе биде Португалија.
„(Елиф) Елмас се враќа за финалето и ќе ни биде од голема помош. Многу сум среќен поради Трајковски за голот. Знаевме дека Италија е голем тим со многу шампиони, но игравме како што требаше. Пред натпреварот им реков на играчите да се забавуваат и тие го направија токму тоа“ – додаде Милевски.