Ига Швјонтек се врати од неверојатна негатива во второто коло на Ролан Гарос и успеа да го преживее ураганот наречен Наоми Осака, а откако спаси меч топка и направи кам-бек за паметење, до крајот на турнирот одигра онака како што најдобро знае.
Полската тенисерка денеска уште еднаш го потврди статусот „кралица на Париз“, бидејќи женското финале на Ролан Гарос траеше 68 минути во кои Швјонтек на предизвикувачката и препушти само три гејма.
🏆🏆 Queen of Paris 🏆🏆@iga_swiatek captures a fourth Roland-Garros title defeating Jasmine Paolini 6-2, 6-1.#RolandGarros pic.twitter.com/T0ASUptTw3
— Roland-Garros (@rolandgarros) June 8, 2024
Италијанката Јасмин Паолини беше најголемо изненадување на турнирот и ја доби честа да ја предизвика најдобрата тенисерка во овој мометн, но на крајот испадна дека можеше да парира само во првите неколку гејма.
Паолини прва направи брејк и поведе со 2:1, но потоа следеше страшна серија на Швјонтек, која со десет гејма во низа стигна на чекор од победата. Ига со брутална игра стигна до предност од 6:2 и 5:0, но пред да отсервира за победа, Паолини сепак успеа да освои еден почесен гејм во вториот сет.
Швјонтек на овој начин ја потврди доминацијата на Френч Опен, па ова попладне се закити со четвртата титула на Ролан Гарос, трета во низа.