Не постои „непосредна воена закана“ од Русија за земјите-членки на НАТО, откако Кремљ ги обвини западните земји дека сакаат ескалација во Украина, изјави во петокот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Додека не и даваме на Москва или на другите престолнини на земји кои потенцијално би можеле да не нападнат причина за недоразбирања или погрешни проценки, нема воена закана за земјите од НАТО“, рече Столтенберг на прес-конференција одржана во Стокхолм со шведскиот премиер Улф Кристерсон.
На прашањето за можноста Русија да ја тестира посветеноста на земјите од НАТО за одбрана на која било од нив во случај на напад, во согласност со член 5 од договорот, Столтенберг одговори: „Не гледаме непосредна воена закана против која било земја на НАТО. Затоа и не веруваме дека нашиот член 5 ќе биде ставен на тест“, додаде генералниот секретар, кој се наоѓа во Шведска, земја која влезе во НАТО во април.
Овие изјави уследија по новите тензии меѓу Русија и земјите-членки на НАТО кои најавија зајакнување на воената поддршка за Украина.
Кремљ неодамна ја критикуваше алијансата за започнување на „нов циклус на ескалација“ по одлуката на Соединетите Држави да го овластат Киев да напаѓа цели во Русија со американско оружје за да го брани украинскиот град Харков.
Франција во четвртокот вечерта објави дека ќе испрати борбени авиони Мираж 2000-5 во Киев, а руската влада верува дека Франција е „подготвена директно да учествува во конфликтот“. Улф Кристерсон најави дека и шведски борбени авиони ќе бидат дел од силите за надзор на воздушниот простор на Алијансата во областа на Балтичкото Море.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во посета на Франција, уште еднаш ги повика своите западни сојузници „да направат повеќе“ за да му помогнат на Киев да се соочи со руската агресија.