„Приоритет на идната Влада е сето она што го ветувале. Претпоставките за владеење се дека ќе можат да остварат. Процесот на усогласувањето на ветувањата, не очекувам да биде така лесно како што се формира Владата така брзо, веројатно ќе има искри, секој ќе си инсистира на своето, а потешкиот проблем веројатно ќе биде усогласувањето со опкружувањето на Македонија. Ќе им надвисне на глава многу посериозно отколку што се надеваа“ – вели поранешниот претседател на Собранието и министер за финансии, Никола Поповски во најновото издание на Трилинг.
Поповски смета дека „Новата власт прилично отворено кажа дека сака да ги реконструктуира судските органи, што вели сака да ги пушти своите пипци подалеку од извршната и законодавната власт. Тоа може да ги занесе, таа еуфорија, со некои национални прашања. Таа комоција не верувам дека ќе ја имаат. Проблемите со кои ќе се занимаваат, 60-70% може да се проблеми на кои воопшто не ни помислувале во кампањата, а ќе им се наметнат како главни“.
На прашање дали има опасност од најавените политики да се доведе земјата во позиција на самоизолација, Поповски вели „Тоа нема да е самоизолација туку изолација. Мицотакис отворено соопштува вашиот пат до ЕУ води преку Атина. И дека прашањето ќе го отвори и во НАТО. Замислете седнувате во НАТО, 31 членка, се јавува грчкиот претставник и сака да декларира државата што седи тука која е? Ние сме примени под едно име, кои сме сега во моментов? Самиот факт што тоа ќе го отвори, кај другите 30 ќе предизвика едно чувство – со ова ли сега ќе се бавиме. И тоа постојано ќе биде едно камче во чевелот. Тие ќе добијат поддршка од Бугарите преку ноќ. Бугарија сега ќе се повлече месец, два, три, за да видат колку сега Грција ќе биде офанзивна кон нас. И секогаш кога вториот треба да се јави – Бугарија ќе се јави. Да се надеваме дека Владата малку ќе го омекне ставот“.
На прашање кога ќе бидат усвоени промени, вели „дури и да се случат уставни измени, тие нема да се такви какви што ги бара преговарачката рамка со ЕУ, ќе бидат бескорисни“.
„Македонија е толку мала што фокусирање на микропросторот е толку опасно, без да има интеракција со опкружувањето. ЕУ направи на ова поле два спектакуларни чекори, почна преговори со Украина и Молдавија. Да не ни се случи во метежов да отворат преговори со три од шесте земји на Балканот. Ако останеме и во нив, ќе биде крајот на краиштата“ смета Поповски.
Во свој коментар за најавите на мандатарот Мицкоски дека во Македонија ќе влезат 1 милијарда евра, вели „Да видиме дали ќе биде. Има 4-5 аспекти многу сериозни. Не знам дали во програмата им беше најавено дека ќе ја задолжат државата за 1 милијарда, од европска држава. Во некои европски држави тоа се третира како изборна измама. Ова е изборна измама. 1 милијарда е околу 6-7% од БДП, јавниот долг од сегашните 60%, ќе оди на 67%, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го намали јавниот долг“.
Поповски смета дека „тоа е шокантна најава“.
На прашање како новата Влада треба да се справи со недомаќинското трошење на нивните претходници, вели „Никој не го враќа долгот, туку се намалува во БДП во побрз раст на економијата. Приоритет број 1 на сите држави е враќање на надворешниот и внатрешниот долг. Ќе треба да се направи преструктуирање на потрошувачката. Македонија ќе има 20 министерства, имаше 14-15, па сега новата Влада најави 20. Тоа е првата неефикасност што ја покажаа“.
Поповски, кој е еден од основачите на СДСМ, смета дека изборното фијасно на социјалдемократите на неодамнешните парламентарни избори е „Не само што е поразот преголем во квантитативна смисла, во квалитативна смисла е понижувачки. Не сум активен член на органите на партијата, но најсериозната причина не се конкретни чекори. СДСМ во овие 5-6 години никогаш не се прилагодуваше внатрешно на опкружувањето, и на себе си. Не се прилагодија на новите услови. Во СДСМ имаше пропусти кои не беа добри и требаше веднаш да се сменат. Локалните избори 2021-ва беше првиот знак, го добија само Центар, ги изгубија катастрофално, Битола, Прилеп, Штип… Никогаш не седнаа да изанализираат зошто изгубија. 2024 ги снајде истото, само продлабочено“.
„На СДСМ му се случи корупција, никогаш не седнаа да анализираат дека 2021 загубија токму поради корупција. Тие избори ги загубија и поради Договорот со Бугарија“ дециден е Поповски.