Трамп за мигрантите: Проблемот може да се реши со воведување царини за некои земји

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп вчера изјави дека ако победи на изборите во САД во ноември, може да воведе царини за земјите, вклучително и Кина, кои не го ограничуваат приливот на имигранти. Трамп ова го кажа на предизборен митинг во пограничната држава Аризона одговарајќи на прашање од публиката и не ја прецизираше големината на тарифите што ќе ги воведе во такво сценарио.

Запрашан за начините на кои тој ќе го спречи протокот на мигранти кои илегално доаѓаат во САД, Трамп рече: „Имаме огромна економска моќ“.

Тој додаде дека ако една земја, како што е Кина, не помогне да се спречи или намали приливот на мигранти во САД, постојат работи кои се нарекуваат царини и тој може да ја оданочи таа земја доколку биде реизбран.
Повеќето од луѓето кои илегално преминуваат во САД се од Латинска Америка

Безбедноста на границите и имиграцијата се појавија како главни прашања за Американците пред изборите на 5 ноември на кои Трамп ќе се соочи со претседателот Џо Бајден, демократот избран за Белата куќа во 2020 година.

Според владините податоци, американската гранична патрола уапсила повеќе од 27 000 кинески мигранти фатени како илегално ја минуваат границата со Мексико од 1 октомври 2023 година до 30 април 2024 година, што е дел од наглото зголемување на кинеските пристигнувања.

Тоа беше прво појавување на Трамп во кампањата откако поротата на Менхетен на 30 мај го прогласи за виновен по сите 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да ја прикрие исплатата од 130 000 долари што неговиот поранешен адвокат и ја направил на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година, за да молчи за сексуалната средба.