Бајден со Ковачевски на вонреден лидерски состанок на НАТО во Брисел

Претседатели на држави и влади на 30-те земји членки на НАТО се состануваат денеска во Брисел. Причина за вонредниот состанок е координацоја за следните одговори на војната во Украина и руската агресија.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како и претседателот на САД, Џо Бајден, заедно со сите останати лидери на Северноатлантската алијанса пристигнаа вчера во Брисел за денешниот вонреден самит на НАТО.

Тие ќе разговараат за состојбата во Украина, еден месец по стартот на војната, зајакнувањето на одбраната на НАТО членките, но и улогата на Кина во оваа криза, најави вчера генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Како што најави Столтенберг вчера лидерите ќе разговараат за испраќање нови борбени групи на истокот на Алијансата, Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, за да се засили присуството на земјите сојузнички во соседството на Русија, кои стравуваат од евентуален руски напад на нивна територија.

НАТО јасно стави на знаење дека секој напад врз нејзина земја членка веднаш ќе го активира членот пет на Алијансата и ќе доведе до одговорот на сите останати земји на Алијансата.

Но, НАТО и натаму нема намера да влегува во конфликтот помеѓу Русија и Украина, ниту преку затворање на небото над Украина, ниту преку испраќање трупи. Дополнителна помош ќе му биде испратена на Киев за да се справи со руските напади.

Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се вклучи на состанокот преку видео врска и да им се обрати на 30-те земји. Познато е дека Киев бара од НАТО да го обезбеди небото над Украина, но за најголемиот број земји на Алијансата ваков чекор е незамислив бидејќи тоа би значело директен судир со Русија, а со тоа и можна војна на целиот континент.