(Видео) Арсоски: Гаши го прекрши Уставот

„Преговорите се во напредна фаза, течат во многу добра конструктивна атмосфера. Преговорите ги започнавме со политичка платформа, стратегиски цели и политички начела кои беа и се дел од прогласот за достоинствена Македонија. Најголем дел од нашите определби ќе бидат дел од една идна владина програма“ – вели генерал Павле Арсоски – потпретседател на ЗНАМ во најновото издание на Трилинг.

На прашање кои ресори ќе ги предводи ЗНАМ, Арсоски рече дека „се уште дефинитивно не разговараме за кадровски решенија, разговараме за ЗНАМ да партиципира во власта и да донесе нешто ново, нов начин на владеење, она што го ветувавме пред граѓаните“.

„ЗНАМ не е против Бугарите да бидат дел од преамбулата на Уставот, но и бугарската страна треба да признае постоење на македонско малцинство во Бугарија. За уставните измени ќе бараме да имаат одложено дејство се додека Македонија не ги заврши преговорите со ЕУ“ вели Арсоски.

На прашање дали од првите денови од мандатот на новата претседателка Силјановска Давкова ние си отворивме нов фронт и кон Атина, генерал Арсоски смета дека „тоа е сложено прашање колку што е Преспанскиот договор сложен. Македонија ќе си ја нарекуваме како што ја чувствуваме. Не сметам дека има некакво прекршување на Договорот. Оваа прашина што се крена околу заклетвата покажа дека нашата претходна Влада инсистираше на почитување на обврските од договорот и пред роковите, а грчката страна не ги исполнува своите обврски. Ние се уште од нив сме нарекувани скопјани, таблите не се сменети“.

Тој смета дека „секој кој е подготвен да прекрши Устав, треба да е подготвен да сноси последици“.

На прашање дали новиот собраниски спикер Африм Гаши го прекрши Уставот, Арсовски со став:

„Да, требаше прво да положи заклетва на македонски, па потоа на албански, но тоа е нешто за што тој самиот треба да одговори. Гласањето беше пред изборот на претседател на Собрание, ние дадовме бланко поддршка. Очекуваме дека Гаши тоа треба да го испорача“.

Генерал Арсовски спаѓа во еден од малкумината кои не добија безбедносен сертификат од НАТО. На прашање зошто имале резерви од Брисел кон него, вели „Од таму немаа никакви резерви. Таа постапка ја објаснив, водена е од македонската безбедносна служба, како носител на државна тајна, ме доведоа во ситуација да не добијам понизок степен на класификација од страна на НАТО. Наоѓаа начин да се оградат од таа постапка. Влијание имале домашни институции, ги дадов на суд, ги добив, судот одлучи дека постапката била водена непрописно, немало докази и наложија да се повтори постапката. Јас бев на заминување и не бев заинтересиран да поднесам нова постапка“.

Арсовски кој е доктор на историски науки, специјализиран, како што вели, во воена историја, за војната во Украина смета дека не треба да не изненади.

„Војните се составен дел од човечкото битисување, ова нема да е последната војна“ смета тој.

На прашање дали македонската Армија е исчистена од инсталациите на КОС, ќе рече:

„Генерации генерации нови офицери се школувани во НАТО духот. Сите граѓани може да сме горди на таа институција. Нема инволвирање на руски служби во земјава, Русија никогаш немала одлучувачко влијание во Македонија. Влијанијата постојат, Македонија е предмет на интерес на многу големи сили и служби, но на влијанието на Русија во земјава му се дава поголема димензија од она што е“ смета Арсоски.

„Македонците станаа граѓани од втор ред во својата држава“ – на прашање како да се врати духот на меѓуетничка толеранција по ваквиот вокабулар, тој вели „Македонија е општество и по вертикала и по хоризонтала. Мора да направиме се Македонија да ја направиме да е мултиетничко општество. Можеби е сега време да промовираме ново однесување во општеството“.