Бон: Сѐ уште не може да се гарантира почеток на преговори до јуни

Клеман Бон – францускиот државен секретар за европски прашања рече дека има политичка волја во Софија и Скопје, но дека сѐ уште не може да вети дека преговорите со Северна Македонија ќе започнат за време на француското претседателство. Бон ова го изјави на прес–конференцијата по Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.

По коментарот на македонскиот шеф на дипломатија Бујар Османи дека двете страни (македонската и бугарската) напредуваат во билатералните преговори, Бон потврди дека има позитивни сигнали.

„Бев во Бугарија после новата влада, разменив неодамна со бугарските власти и премиерот Петков, има сериозен ангажман и во Скопје и во Софија за да се најде решение за спорот, но не можам да прејудицирам, можам само да ги потврдам позитивните сигнали. Ако има резултат од тие сигнали, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме“ – изјави Бон.

Францускиот државен секретар потсети дека Бугарија е единствената која се противи на оваа одлука.