„Мислам дека треба да се запрашаме зошто некој оддалечен 8.000 километри појасно гледа позначајни случаи на корупција кај нас. Прво мора да видиме зошто обвинителите во Бугарија замижуваат пред тие појави“. Ова во интервју за лондонскиот неделник „Обзервер“ го изјави бугарскиот премиер – Кирил Петков. Интересно е тоа што интервјуто е направено пред минатонеделното апсење на екс-бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
Изјавата на Петков доаѓа како одговор на прашањето „зошто Вашингтон, а не Софија, воведува санкции за бугарскиот олигарх, медиумски магнат и клучен политички играч Делијан Пеевски, за кој се верува дека ги влече конците на Бојко Борисов“.
„Ќе ја ослободам Бугарија од корупција“ е насловот на написот.
„Не велам да се намали корупцијата, зборувам за нејзино целосно искоренување“ – вели Петков мислејќи на целиот мандат на неговата коалициска влада.
Неговата надеж е Бугарија да стане учебнички пример за тоа како корупцијата во една земја може да се елиминира за кратко време. Еден од неговите аргументи е дека Бугарија е земја со само 6,5 милиони жители.
„Независни сме, почнавме чисто и не зависиме од никого“ – додаде Петков.
Тој продолжува со уверувањето дека „отсега натаму Бугарија ќе ја гледате како зборува како навистина силен бранител на владеењето на правото“.