Запленети 2 тона македонски мед на Косово, шверцерот побегнал

Полицијата на Косово попладнево во село во близина на косовско-македонската граница, запленила 2.000 килограми мед, кој со комби бил илегално внесен од С. Македонија.

Во полициското соопштение се вели дека патрола на пограничната полиција од станицата во Жегра го забележала сомнителното возило со бела боја во селото Дебелде, близу градот Витина во регионот на Карадак – Скопска Црна Гора, на границата со С. Македонија.

Возилото било запрено при обид да изврши нелегална трговија со медот, додека возачот го искористил планинскиот терен и успеал да побегне во непознат правец.

Возилото и товарот се запленети и предадени на Царините на Косово, а случајот е оквалификуван како „криумчарење стоки“.