Се родија три лавчиња во скопската Зоолошка, првпат по 20 години

Од Град Скопје соопштија – првпат по повеќе од 20 години во скопската Зоолошка градина се родија три лавчиња.

Директорот на ЗОО – Скопје, Кристијан Стаменов рече дека лавчињата се стари само неколку дена, а посетителите ќе имаат можност да ги видат кога ќе бидат доволно возрасни да можат самостојно да се движат низ надворешното живеалиште.

И градоначалничката на Град Скопје – Данела Арсовска денеска извршила увид во живеалиштето на лавчињата.

„Ова е една од најубавите работи кои се случиле во Зоолошката градина во Скопје, лавчињата се одлично згрижени, а вработените во Зоолошката градина со професионалност и со внимание се грижат за мајката и малите да се безбедни и да ги имаат сите услови во внатрешното живеалиште каде што се постојано набљудувани“ рече Арсовска.

Љубителите на животни и посетители на ЗОО–Скопје во идниот период ќе имаат прилика да учествуваат во давањето имиња на трите лавчиња.