Дирк Јан Коп: Владата и парламентот не се целосно функционални, а за влез во ЕУ тоа е неопходно

„Да започнам со честитки за Новата година за вас и вашите гледачи. Ова ќе биде важна година за Македонија, тоа е сигурно. Неодамна на еден панел бев запрашан дали Македонија му припаѓа на Истокот или на Западот. Мислам дека тоа не е вистинското прашање. Ова е демократија со слободен печат, со отворена и транспарентна пазарна економија, членка на НАТО, 70% од трговијата е со ЕУ, така што е јасно дека земјава му припаѓа на Западот. Ова е демократија, и секако дека постојат проблеми. И на патот кон ЕУ, веројатно најголемиот проблем е недостатокот на единство, пролиферацијата во политиката. Ако ги погледнете другите земји кандидатки, а последниот пример е Хрватска, таму постоеја многу проблеми, но барем долж политичкиот спектар, луѓето се согласија дека сакаат да влезат во Унијата и се согласија што е неопходно за да се постигне таа цел. Мислам дека сега е ова главниот проблем во оваа земја. Владата и парламентот не се целосно функционални, а за да влезете во ЕУ тоа е крајно неопходно. Но, според мене, не постои сомнение дека оваа земја е демократија” – истакна Дирк Јан Коп, амбасадор  на кралството Холандија во Р.С. Македонија во најновото издание на Трилинг.

Во однос на минатата година кога стартуваше скрининг процесот со ЕУ на прашањето дали одлуката на Брисел се засноваше исклучиво на испорачаните резултати од Владата во Скопје, или земјите членки се водеа геостратешкиот интерес и пред се во контекст на руската агресија врз Украина, амбасадорот одговори:

„Најпрвин ова не е одлука на Брисел. Ова е одлука на С. Македонија. Од март 2020 година, кога добивте зелено светло за почетокот на зачленувањето, времето беше искористено за креирање на преговарачката рамка за членство, тоа доста многу се одложи заради проблемите со Бугарија, но освојувањето на преговарачката рамка на крајот, изминатово лето беше решение на С. Македонија, а не на Брисел. ЕУ се соочува со голем број проблеми, како и со сите други, но проблемите, како што можете да замислите секако, војната во Украина, снабдувањето со енергија, висока инфлација,прилично големиот проблем со бегалците, се уште не е решен новиот однос кој треба да се изгради со Обединетото Кралство, така што сето тоа е се уште тука, но добро е да се сфати дека ситуацијата во Украина според нас не влијае многу на Македонија. Нашиот поглед на Македонија, се уште е дека сакаме стабилност и просперитет, што значи НАТО и ЕУ. Во таа смисла нашиот пристап не се сменил. Пристапот е дека Македонија треба да го постигне „АКИ – то“ за да се зачлени во ЕУ. Треба да ги исполни условите за влез, не постои покус пат, не постои заобиколен пат, брза лента, условите на „Аки“ се тие, тие мора да се исполнат, и тоа е единствениот начин за Македонија да се зачлени во ЕУ. Како и секогаш, Холандија стои рамо до рамо со Македонија за да и помогне во овој процес, за да асистира во овој процес, за реформите да се  направат што е можно побрзо и поефикасно. Годинава ќе одбележиме 30 години дипломатски односи со С. Македонија што е многу убаво, но исто така покажува крајно време С. Македонија да ги спроведе овие реформи и да заврши со нив“ рече амбасадорот.