12 дена пред убиството на Вања, Палевски поднел иницијатива до Собранието за референдум

На собраниската седница број 135 закажана за 22 декември, ставена е точка за расправа по Иницијатива на овластениот предлагач Љупчо Палевски, за референдум за Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2017 година, објави СДК.

Осомничениот за грабнување и убиство на деветтооделенката Вања Ѓорчевска од Скопје, како и претходно на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, иницијативата до Собранието ја поднел 12 дена пред убиството. Датумот на приемот на Предлогот за покренување граѓанска иницијатива на државно ниво е 15 ноември, а свирепото убиство на девојчето е на 27 ноември во 10 часот. Жежовски беше убиен на 22 ноември.

Вања беше најдена мртва на 3 декември, на 4 декември министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и обвинителот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски на прес-конференција соопштија детали, а на 5 декември првоосомниченот Палевски беше уапсен во Турција. Тројца од осомничените кои се во притвор се членови на политчката партија Десна чиј претседате е Плевски.

Денеска, 11 декември, од дневниот ред на 135-тата собраниска седница уште не е тргната иницијативата на Палевски.

Предлогот на овластениот предлагач Палевски, како претседател на Десна, е за собирање 150.000 потписи за референдум. Дури е напишано и референдумското прашање што треба да го разгледуваат пратениците во т. н. прво читање.

Палевски е во процес на екстрадиција од Турција, каде е во екстрадиционен притвор, откако три дена по убиството избега преку Србија и Бугарија.

Истрагата ги чека резултатите од обдукцијата уште за една, според Обвинителството, многу важна работа. Притворените осомничени кои немаат физички контакт по апсењето, имаат иста верзија за убиствата и сите го посочуваат Палевски. Нивните искази биле прецизни и се совпаѓале, што според МВР и Обвинителството, била добра основа да се земат како прилично точни искази. Така полицијата всушност и ги нашла закопаните тела, на Вања близу Скопје, а на Панче близу Велес.

Но, сето тоа мора да се потврди и од обдукцијата, како и од биолошките и од други траги и докази, пред да се напиште обвинението. По екстрадирањето, пред обвинител ќе биде сослушан и првоосомничениот Љупчо Палевски.