10 национални претпријатија добија признание „Македонски квалитет 2021″

Десет национални претпријатија кои се претставници и промотори на македонските успешни бизниси го добија престижното Признание Македонски квалитет 2021, кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на Претседателот на PCM, Стево Пендаровски.

Настанот годинава се одржа во „Вила Водно”. Признанието се доделува на национални претпријатија кои придонесуваат кон развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и пошироко.

Признанијата ги доделија Претседателот Стево Пендаровски и претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.

Добитници на Признанието за 2021 година се „Бонивест”, ПЗУ „Аптеки Виола”, „Агенс Камини”, „Каса Италија”, КМГ ЕОЛ „Квазар”, „Винарија Венец”, „Компјунет Инженеринг”, „Хотел Тимс”, „Еко логистик сервис”, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака”.

Пендароски пред присутните порача дека носителите на признанието Македонски квалитет за 2021, заслужуваат особена почит затоа што во кризен период го развиваат својот потенцијал и постигнуваат одлични резултати.

„Пандемијата не запира, а економијата бавно заздравува. Нашето стопанство сѐ уште се бори со проблемите, а нам ни останува да очекуваме дека со соодветни економски политики ќе ги надминеме тешкотиите за да продолжиме со нормален развој. Верувам дека и на ниво на вашите компании имате соодветен одговор на кризата којашто трае и ќе продолжите успешно да работите за да го задржите и надградите квалитетот на производите и на услугите што ги испорачувате. Имајќи ја предвид целата ситуација, носителите на признанието Македонски квалитет за 2021, заслужуваат особена почит затоа што во ни малку лесни времиња го развиваат својот потенцијал и постигнуваат извонредни резултати, задржувајќи висок квалитет на производите и на услугите” – рече Пендаровски.