Ќе се реконструира Домот на АРМ, потребни се најмалку 10 милиони евра

Целосна реконструкција на објект во „Ќојлија“, Домот на АРМ и хотелот „Шар“, реконструкција на воениот стадион и спортските терени, како и изградба на нова спортска сала во Воената академија, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој денеска беше на увид во градежните работи во касарната „Ќојлија“.

Целосна реконструкција на објект во „Ќојлија“, Домот на АРМ и хотелот „Шар“, реконструкција на воениот стадион и спортските терени, како и изградба на нова спортска сала во Воената академија, најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој денеска беше на увид во градежните работи во касарната „Ќојлија“.

– Во „Ќојлија“ целосно се реконструира нов објект, во кој вложуваме над 10 милиони денари. Во текот на оваа година реализираме околу 20 проекти со вкупна вредност од над 3 милиони евра – рече Мисајловски.

Тој информираше дека е подготвена техничка документација за повеќе капацитети, меѓу кои Домот на Армијата и хотелот „Шар“, а следната година ќе започне нивната целосна реконструкција.

– Станува збор за десетици милиони евра инвестиции. Присутни сме во сите касарни, се заменуваат покриви, се градат нови капацитети за модернизација, за новите возила и артилеријата-додаде министерот.

Мисајловски најави дека реконструкцијата во „Ќојлија“ ќе биде завршена во септември, а паралелно се работи и во Велес, Прилеп и Штип.

– По 30 години без интервенции, денеска гледаме градежен бум. Приоритетите ги поставува Армијата, а ние обезбедуваме средства од буџетот – рече Мисајловски.

Тој посочи дека капиталните проекти ќе продолжат со реконструкција на воениот стадион и спортските терени, како и изградба на нова спортска сала во Воената академија.

– Модернизацијата ќе биде над 30 проценти од буџетот, но паралелно мора да вложуваме и во инфраструктурата – истакна Мисајловски, додавајќи дека реконструкција се врши и во Службата за разузнавање.

Тој информираше дека истата компанија веќе работи и во воениот медицински центар, каде што ќе се подобрат условите во лабораториите.

Посебен акцент стави на проектот за Домот на Армијата, за кој е подготвена проектна документација со проценета вредност од околу десет милиони евра.

– Станува збор за огромен капитален проект кој никогаш досега не бил започнат. Планираме целосна реконструкција на големата сала и сите внатрешни капацитети, со можност објектот да биде отворен и за граѓаните и медиумите-истакна министерот.

Министерот пренесе и дел од разговорите од неодамнешниот самит во Анкара, каде што биле разгледувани предизвиците за зголемување на буџетите за одбраната кај повеќе земји.