„Јаблон и Сибила“ – нов роман на Божин Павловски
Во издание на МАНУ и „Матица македонска“ е објавен новиот, дваесет и петти роман на академик Божин Павловски, „Јаблон и Сибила“, со поднаслов „Љубовна приказна“. Новото дело на еден од најистакнатите современи македонски прозаисти отвора романескен свет во кој љубовта, паметењето, раселеноста и потребата од припадност се вкрстуваат во возбудлива приказна за човекот што го бара својот дом во историски немирни времиња.

„Јаблон и Сибила“ е роман за две судбини што се сретнуваат далеку од сигурноста на родниот простор, но и роман за Македонија како духовна, јазична и емотивна татковина. Низ ликовите на Јаблон и Сибила, Павловски ја продолжува една од своите препознатливи творечки преокупации: животот на Македонците во светот, патиштата на иселеништвото, болката на откорнатоста и надежта дека човекот, и кога е оддалечен од своето родно место, може да ја пронајде врската со сопствениот корен.
Критичките одгласи за романот веќе го препознаваат „Јаблон и Сибила“ како потресна љубовна и идентитетска приказна. Блаже Миневски го чита како „потресно сведоштво“ за необичните животни случајности што ги спојуваат човечките судбини далеку од родната земја. Иван Џепароски, пак, нагласува дека во ова книжевно дело е остварено успешно и непосредно книжевно архивирање на егзистенцијално важните и темелни прашања за љубовта, идентитетот и глобализацијата. Според него, романот напати е нежен и мил, напати благ и сладок, напати едноставен и колоквијален, но истовремено и ироничен и темен, како што се и Македонија, и Австралија, и светот од последните децении на XX и првите децении на XXI век. Иван Антоновски пак, посочува дека раскажувачката моќ на Павловски ја претвора љубовната приказна во сугестивен романескен свет на паметењето, идентитетот и човековата потреба да најде дом во време на големи преместувања.
Објавувањето на новиот роман се совпаѓа со големата акција на „Матица македонска“ – „Мисли на македонски, читај домашно“, организирана по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, и во рамките на јубилејот 35 години од основањето на „Матица македонска“, првата издавачка куќа во самостојна Македонија. Акцијата трае до 27 мај, во книжарниците на „Матица македонска“ и преку веб-страницата www.matica.com.mk.