Шолц: По руската инвазија, светот влезе во нова ера!

„Светот влезе во нова ера со руската инвазија на Украина“. Ова денеска го изјави германскиот канцелар – Олаф Шолц на вонредната седница на Бундестагот.

„Со инвазијата на Украина, влеговме во нова ера. Во Украина луѓето не само што ја бранат својата татковина, тие се борат за слобода и за својата демократија, за вредностите што ги споделуваме со нив“ – рече Шолц.

Тој рече дека е отворен за разговори со Русија и покрај инвазијата на Украина, а во исто време се закани со нови западни санкции против Москва.

„Не одбиваме да разговараме со Русија. Дури и во оваа екстремна ситуација, должност на дипломатијата е да ги држи отворени каналите за разговори“ – рече Шолц во Бундестагот.

Сепак, предупреди дека Западот го задржува правото да воведе нови санкции кон Москва, откако за неколку дена беа воведени два пакета санкции.

Германија ќе ја зголеми својата распределба за армијата за да достигне повеќе од два отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП) годишно, што е повеќе од она што го бара НАТО, рече Шолц.