Чупеска со пет прашања до Андоновски, министерот: СДСМ е против високи технологии

Најавите за инвестиции во дата-центри отворија нов политички судир меѓу СДСМ и Владата. Ана Чупеска од СДСМ побара од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски одговори за влијанието врз животната средина, европската регулатива и заштитата на податоците.

Чупеска го обвини Андоновски за „евтин популизам“ и праша дали Владата има процена за влијанието на планираните дата-центри врз еколошката одржливост.

Таа го отвори и прашањето за дигиталниот суверенитет, тврдејќи дека Северна Македонија сè уште нема транспонирано четири клучни акти на Европската Унија за регулирање на дигиталниот простор.

Чупеска побара одговор и дали, според неа, постојниот правен вакуум може да создаде простор за експлоатација на податоците на граѓаните и дигитален надзор.

„До кога ќе ѝ продавате на јавноста магла за некакви ‘високи технологии’ додека систематски бегате од европската регулаторна рамка“, праша Чупеска.

Од друга страна, Андоновски вели дека СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче се подготвени да се спротивстават на дата-центри, странски инвестиции и нови технологии само, како што рече, „Македонија да не успее“.

Министерот рече дека Владата ќе продолжи да привлекува инвестиции во високите технологии и да го развива дигиталниот сектор, но оти тоа нема да биде на сметка на животната средина.

„Тоа никогаш нема да значи компромис со животната средина, воздухот и водата“, рече Андоновски.

Тој потоа го насочи нападот кон претходната власт, споменувајќи го пожарот во модуларната болница и контролата на квалитетот на водата во периодот кога Филипче беше министер за здравство.

Прашањето за дата-центрите доби поголемо политичко внимание, особено по противењето на иницијативата за изградба на таков центар во Пехчево.