Филипче: СДСМ ќе мора да помине низ длабока внатрешна реформа и реорганизација

„Би сакал да им се заблагодарам од се срце на сите кои ми ја дадоа поддршката на изборите. На сите оние кои напорно работеа со мене и ме поддржуваа во кампањата“, сподели д-р Венко Филипче.

„Во кампањата ветив конкретни работи и активности кои започнувам да ги реализирам уште веднаш. Започнувам со активности и како претставник на граѓаните во Собранието, но и како член на СДСМ меѓу членовите и симпатизерите.

СДСМ во следниот период ќе мора да помине низ длабока внатрешна реформа и реорганизација. Верувам дека набрзо одново ќе победува и врати достоинството и угледот кој како партија го заслужува. Од поразите секогаш е најважно да се извлечат поуки, само така поразот може да се претвори во победа.

Во оваа прилика сакам да им честитам на победниците на изборите и да им посакам успешна работа. СДСМ секогаш ќе биде тука како коректив на владините политики и сите општествени текови“, додаде тој.