
Филипче: Ако сега не се качиме на возот за ЕУ, вратите може да ни бидат затворени со децении
„Го повикувам Христијан Мицковски, власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа ќе ја споделиме одговорноста за тој чин ние како коалиција која што ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Филипче.
Процесот на проширување повторно е високо на приоритетната листа на Европската Унија, доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени за Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната панел-дискусија во Собранието, на тема: „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“.
Филипче повика на заедничко и одговорно дејствување за продолжување на европскиот пат на државата, предупредувајќи дека актуелниот момент е историска можност што земјата не смее да ја пропушти.
„Доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени. Следна работа, кога сега веќе се разговара за буџетите во Европската Унија, можно е да не бидеме земени предвид и нема да бидеме земени предвид ако не ги направиме потребните чекори, и во следните планови, седумгодишните годишни буџетирања, нас ќе нѐ нема. Оваа геополитичка ситуација која што се промени со војната во Украина, со војната на Блискиот Исток, со тоа како Европската Унија повторно го врати проширувањето од геостратешки, геополитички аспект на врвната листа на приоритети е само уште еден и силен индикатор дека ние овој момент треба да го искористиме“, рече Филипче.
Во своето обраќање, Филипче упати јавен повик до премиерот Христијан Мицкоски и до власта за заеднички да се донесат уставните измени, со цел да се обезбеди продолжување на европските интеграции.
„Го повикувам Христијан Мицковски, власта заеднички да ги направиме уставните измени. Притоа ќе ја споделиме одговорноста за тој чин ние како коалиција која што ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ е подготвен да ја сподели одговорноста и за целиот понатамошен тек на преговорите со Европската Унија, како што тоа се има случувано во други земји кои успешно го поминале процесот.
„Како што била праксата во сите земји, во Хрватска, Бугарија и натаму, кога траеле преговорите сите партии работеле заедно, да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што понатаму ќе се случи во текот на преговорите, иако сум прилично сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашиот идентитет, јазик, култура и та ната, но ја споделуваме одговорноста и заеднички учествуваме во целокупниот процес на водење во преговорите. Апелирам да не го пропуштиме моментот. Ќе останеме по страна, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од кај да зееме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот, ја споделуваме сите заеднички одговорноста“, порача Филипче.