Украдена е бистата на Славко Јаневски во Струга

Исчезна бистата на македонскиот поет Славко Јаневски од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на Црн Дрим во Струга.

Вчера при проверка било утврдено дека бистата на поетот Славко Јаневски е откорната од постаментот, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин беа видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите.

Исчезнувањето, односно кражбата е пријавена во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови!“ вели тој.

Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето.
Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.