Талат Џафери ја презема владата од 28 јануари

Претседателството на ДУИ одлучи актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери да биде технички премиер во периодот од 28 јануари до изборите, пренесе Дојче Веле.

Талат Џафери ќе ја предводи техничката влада во периодот до пред парламентарните и претседателските избори, одлучи раководството на неговата матична партија- ДУИ. Одлуката ја соопшти Бујар Османи преку Фејсбук.

Именувањето на технички премиер Албанец во предизборниот период беше дел од коалицискиот договор меѓу екс-лидерот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети по изборите во 2020 година.
Според информации од извори во СДСМ, единствениот услов во разговорите на таа тема, бил личноста што ДУИ ќе ја предложи за премиер во последните сто дена од мандатот на Владата – да биде прифатлива и за СДСМ.

Кој ќе раководи со Собранието?

Во јавноста долго се шпекулираше со имињата на можните кандидати на ДУИ за функцијата, но името на Талат Џафери почна да се врти во политичките кулоари дури во последниот период.

Неговото именување за технички премиер значи дека тој ќе ја напушти челната функција во парламентот, а кој ќе го наследи останува отворено прашање.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараше напуштање на концептот на „пржинска влада“, а нејзиниот лидер Христијан Мицкоски отворено соопшти дека партијата сака да спречи да биде избран премиер Албанец.