
Судскиот совет и Здружението на судиите видоа можен притисок од Уставниот суд
Судскиот совет и Здружението на судиите на Македонија возвратија на јавно упатената опомена од Уставниот суд дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил неговата одлука.
Судскиот совет и Здружението на судиите на Македонија возвратија на јавно упатената опомена од Уставниот суд дека судија од Основниот граѓански суд Скопје, кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска, не ја извршил неговата одлука.
Според реакцијата, „секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет“.
Преведено на обичен јазик, реакцијата на Уставниот суд е дочекана како притисок околу предметот.
Иако потенцираат дека целосно го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и дека неговите одлуки се конечни и извршни и оти надлежните државни органи се должни да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од нив, тие предупредуваат на „потребата од зачувување на независноста на судовите, законски уредениот тек на судските постапки и правото на користење на предвидените правни леков“.
Велат дека станува збор за одлука на Основниот граѓански суд Скопје која не е правосилна и за која се одлучува по изјавена жалба. Оценката за нејзината законитост е исклучива надлежност на второстепениот суд.
„Независноста на судството не е привилегија на судиите, туку гаранција за граѓаните дека за нивните права и обврски ќе одлучува независен и непристрасен суд. Функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“, се вели во соопштението.
Оттука, се вели дека ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет. Оттаму додаваат дека почитувањето на одлуките на Уставниот суд и независноста на редовните судови не се спротивставени вредности, туку заедно го сочинуваат принципот на владеење на правото.
Уставниот суд утврди повреда на слободите и правата на Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.6.2022 и втората од Апелацискиот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката за повторување на постапката.
Од Уставниот суд рекоа дека по првпат од своето постоење го применуваат овој механизам за извршување на одлуките, кој им овозможува заштита на сопствените одлуки. Оттаму наведоа дека случаите како тој на Стојановска треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот и дополнија дека во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено практика да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата.