Судот пресече – Мета останува претседател на Албанија

Албанскиот Уставен суд пресече – Илир Мета нема да биде разрешен од функцијата претседател на Албанија и ќе продолжи на функцијата до завршување на мандатот на 24. јули годинава. Судот ја поништи одлуката на албанскиот парламент за негово разрешување поради „тешки прекршувања на Уставот“.

Доцна синоќа Уставниот суд соопшти дека „претседателот не го прекршил Уставот по ниту еден основ за што го обвинува парламентот“.

Портпаролот во претседателскиот кабинет, Теди Блуши на Фејсбук напиша:

„Нула изненадување за нас. Ова прашање не ни требаше да почне“.

Иницијатива за разрешување на Мета покренаа владејачките социјалисти, по што беше формирана и анкетна комисија по чиј извештај пратениците, меѓу нив и од опозицијата, на 9. јуни минатата година изгласаа одлука за негово разрешување.