Столтенберг: Финска ќе влезе во НАТО во наредните денови

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Финска ќе и се приклучи на Алијансата во рок од неколку дена по одлуката на Турција да ја ратификува нејзината апликација.

– Сите 30 сојузници на НАТО сега го ратификуваа Протоколот за пристапување. Финска формално ќе се приклучи на нашиот сојуз во наредните денови, рече Столтенберг.

Турскиот Парламент вчера ја одобри кандидатурата на Финска за членство во НАТО, отворајќи го патот на Хелсинки да се приклучи на западната алијанса во екот на војната во Украина.

Турскиот парламент е последниот од 30-те парламенти членки на НАТО што го одобри членството на Финска во Алијансата.

На почетокот на оваа недела, и унгарскиот Парламент го одобри влезот на Хелсинки во северноатлантската алијанса по неколкумесечни одложувања.

Финска и Шведска на 18 мај минатата година до генералниот секретар на НАТО поднесоа барања за влез во Алијансата.