Србија пред избори – во октомври конечна пресметка на студентите и Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека парламентарните избори ќе се одржат на 18 или 25 октомври, а точниот датум ќе биде соопштен во наредните денови, пишува Дојче Веле. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека парламентарните избори ќе се одржат на 18 или 25 октомври, а точниот датум ќе биде соопштен во наредните денови, пишува Дојче Веле.

Тој веќе со недели практично води изборна кампања, патува низ Србија, разговара со граѓаните, на многумина кои му се обраќаат за помош им ветува решавање на проблемите и најавува изградба на локални патишта, мостови и водоводни системи.

Распишувањето избори, што студентите во блокада го бараат веќе околу година и пол, Вучиќ го ветуваше повеќепати.

Политикологот Александар Ивковиќ укажува на сигнали дека изборите навистина ќе се одржат во октомври. Според него, меѓу тие сигнали се подигнувањето на „борбената готовност“ на Српската напредна странка (СНС), како и најавите дека во септември на сите граѓани на Србија ќе им биде исплатена парична помош.

„Вучиќ и претходно спроведуваше слични активности, како обиколки низ Србија и средби со граѓани, и кога изборите не беа блиску. Но нивното интензивирање во последните недели покажува дека тие се дел од кампањата за претстојните избори. Обиколките пред сè се наменети за граѓаните кои претходно гласале за СНС и за Вучиќ, а целта е тие повторно да гласаат за нив“, изјави Ивковиќ за Дојче веле.

Научниот соработник на Етнографскиот институт во Белград, Иван Ѓорѓевиќ, смета дека актуелната кампања е единствената опција што Вучиќ ја има за „колку-толку да го одржи рејтингот, но и да го намали просторот за многу веројатни изборни манипулации“.

Сепак, тој предупредува дека не треба да се потцени фактот оти Вучиќ и понатаму располага со значајно избирачко тело, кон кое и е насочена оваа кампања.

„Проблемот е што Вучиќ во тој циркуски караван не се чувствува удобно. Очигледно го прави тоа затоа што професионалците му кажале дека мора. И вака режираните и монтирани ‘дијалози’ со граѓаните покажуваат дека повеќе не е способен за ништо друго освен за монолог, барем кога станува збор за домашната политика. Тој нема харизма, не умее да комуницира и покрај сите напори во контролирани услови да се создаде впечаток на дијалог, сето тоа изгледа крајно натегнато. Затоа не сум сигурен дека носи посакувани резултати во однос на рејтингот“, оценува Ѓорѓевиќ.

Вучиќ уште во јуни најави дека ќе поднесе оставка, а тоа го повторуваше и во текот на летото за време на средбите со граѓаните.

Историчарот Драган Поповиќ смета дека оставката е веројатна.

„Веројатно ќе поднесе оставка, бидејќи со тоа ништо не губи. Неговиот мандат и онака наскоро завршува. Дополнително, ќе може да тврди дека во кампањата влегува без јавна функција, што беше една од главните забелешки на опозицијата и на набљудувачите“, вели Поповиќ.

Според него, со тоа Вучиќ испраќа и порака дека е подготвен веднаш да ја преземе премиерската функција и дека е уверен во изборна победа.

„Тоа е уште еден начин да се демонстрира сила пред сопственото, веќе разнишано избирачко тело“, додава Поповиќ.

Студентите во блокада за оваа и следната недела најавија нови активности во Белград и ги повикаа граѓаните да ги посетат нивните штандови и да дознаат кои ќе бидат следните чекори.

„Запознајте се со дел од програмските насоки“, порачаа тие преку својот профил на Инстаграм.

Во текот на летото студентите организираа бројни теренски активности низ Србија.

Александар Ивковиќ оценува дека студентите водат значително поактивна теренска кампања од која било опозициска опција во изминатите години. Според него, останува отворено прашањето дали требало повеќе да се фокусираат и на медиумски повидливи настани.

„Тука се гледа главниот недостаток на нивниот концепт на деперсонализација. Во таква форма, единствените медиумски видливи настани можат да бидат големи собири, а тоа, освен во Ваљево, каде организираа протест по повод годишнината од собирот на кој полицијата претепа голем број демонстранти, не беше реално во текот на летото.“

Тој нагласува дека кога ќе бидат познати кандидатите на студентската листа, нивните посети низ земјата и директната комуникација со граѓаните би можеле дополнително да ја зголемат нивната медиумска видливост.

„Судејќи според очекуваниот термин за изборите, студентите тоа ќе мора да го направат многу брзо“, оценува Ивковиќ.

Драган Поповиќ смета дека студентите се „прилично подготвени за избори“, односно онолку колку што е можно за едно опозициско движење во услови на автократски режим.

Според истражување на Центарот за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) од јуни, за Студентската листа би гласале 44,9 проценти од граѓаните, за СНС 35,7 проценти, а за Социјалистичката партија на Србија (СПС) 3,8 проценти.

Според ЦРТА, останатите политички актери самостојно не го надминуваат изборниот праг.

Ивковиќ посочува дека, за разлика од студентското движење, според активностите на социјалните мрежи на опозициските партии не може да се заклучи дека тие воопшто имале теренски активности ова лето.

„Тоа покажува дека студентското движење во голема мера ги потисна од опозициската сцена, што го потврдуваат и анкетите на јавното мислење. Партиите што беа дел од коалицијата ‘Србија против насилството’, не сметајќи ги оние што веќе најавија поддршка за студентската листа, можат да го поминат изборниот праг само ако настапат заеднички. Ако излезат одделно, тоа ќе биде ризично.“

Тој додава дека истото важи и за десниот дел од опозицијата, но нагласува дека е тешко да се процени кој навистина е искрена опозиција на СНС.

Поповиќ смета дека за политичките партии кои имаат потенцијал да опстанат по обновувањето на демократијата, најдобра опција е да го поддржат студентското движење.

„Таа поддршка треба да биде активна. Партиската инфраструктура мора постојано да биде на терен, да разговара со граѓаните, да ја враќа довербата во системот на претставничка демократија и да им помага на студентите таму каде што таа помош е потребна“, вели тој.

Дел од опозициските партии, меѓу кои Зелено-левиот фронт и Демократската партија, веќе соопштија дека на изборите ќе ја поддржат Студентската листа, додека од другите се очекува самостоен настап или учество во коалиции.

На прашањето дали е важно граѓаните со опозициски ставови да можат да избираат меѓу леви, десни, граѓански или проевропски опции, Ивковиќ вели дека, ако целта е промена на власта, треба да се води сметка за можното расфрлање на гласовите.

„Токму тоа е еден од главните фактори врз кои Вучиќ ја темели надежта за успех на парламентарните избори“, предупредува политикологот.

Поповиќ оценува дека во моменталните околности во Србија е бесмислено политичките актери да се дефинираат преку идентитетски прашања.

„Идеологиите секогаш ќе постојат и по воспоставувањето на демократијата повторно ќе станат дел од јавниот простор, преку нови или постојни партии. Но прво мора да се стигне до почетната точка, односно до победа над автократскиот режим.“

Иван Ѓорѓевиќ нагласува дека без оглед кој ќе учествува на изборите, клучно е да се обнови политичката дебата.

„Обновувањето на денес уништената, а некогаш кревка култура на политичка дебата и разговор мора да биде апсолутен приоритет за секоја сила што потенцијално би победила на изборите. Ако не се врати барем минимум култура на дијалог, која денес недостасува и меѓу актерите против Вучиќ, и на улица, и во училиштата, и на работните места, многу брзо ќе се вратиме на состојбата од која сега сакаме да избегаме“, заклучува Иван Ѓорѓевиќ.