Советот за безбедност утре на седница кај Пендаровски

Советот за безбедност утре во 15 часот ќе одржи седница во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Според најавата од неговиот кабинет, на дневен ред на седницата ќе биде безбедносната состојба во земјава и во евро-атлантскиот регион.

Седницата доаѓа во период кога има засилен меѓународен ангажман за затворање на отворените прашања меѓу Србија и Косово, за што изминатиот период јавноста сведочеше на разговори помеѓу претставници од ЕУ и САД со властите во Белград и Приштина, а се најавуваат и нови состаноци во Брисел.

На утрешната седница, велат од кабинетот на Пендаровски, покрај членовите на Советот, ќе присуствуваат и: директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу; директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски; и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Талат Џафери; премиерот Димитар Ковачевски; министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски; министерката за одбрана Славјанка Петровска; министерот за надворешни работи Бујар Османи; професорот на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Ненад Марковиќ; професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Ветон Љатифи; и поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски.