Слуачјот „Онкологија“ ја разниша довербата во здравството

Кога е здравството во прашање, се чини дека годинава што измина, меѓу другото, ќе ја паметиме по случајот „Онкологија“, кој го рашири вирусот на недоверба во здравството. Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.

На почетокот од септември, со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Министерството за здравство даде поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата, а премиерот Димитар Ковачевски истакна оти се работи за наводи што не смеат да се случуваат и повика да не се прави сензација и напад на сите доктори. Од страна на Владата, како што додаде, нема да има никакви интервенции во однос на заштита на кого било.

– Ова е првпат да биде спроведена ваква обемна акција за идентификување на можни сторители на вакви дела. Би сакал да повикам да не се прави сензација и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, бидејќи најголемиот број од медицинскиот персонал којшто работи во нашата држава, се извонредни луѓе, кадри, што се грижат за здравјето на нашето население, нагласи премиерот.

И претседателот на државата Стево Пендаровски повика на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност, како и на соодветна казна за сите, за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

Актуелниот медицински директор на Клиниката, Виолета Клисаровска, исто така, апелираше час поскоро да се откријат виновниците за, како што рече, да се отфрли таканаречената колективна вина која се наведнува над целата институција, односно над целиот медицински тим, со што ја руши довербата пациент – лекар.

Што побрзо разрешување на случајот, побара и опозицијата.

– Јавноста ги знае, не може да ме убеди ниту мене, ниту било кој, дека тие кои ја водат истрагата, не ги знаат имињата на луѓето, кои се највиновни за тоа што се случувало на Онкологија во изминатиот период, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На 2 ноември пак, Мицкоски на прес-конфренција кажа дека има нови сознанија за Клиниката за онкологија за периодот од 2021 до 2023 година. Се работело за огромна документација која, како што посочи, е добиена преку свиркачи. Побара да биде опфатен и споменатиот период.

– Сите наши сознанија ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, рече Мицкоски.

Протести, обвинение против медицинска сестра, предистражна постапка

По наводите за злоупотреба на Клиниката, следуваа протести од кои беше испратена порака дека најважно е да се кажат имињата на инволвираните лица. Се бараше судска разрешница за сите инволвирани во случајот. Со порака „Правда за жртвите“ се протестираше и пред Владата и пред Јавното обвинителство во Скопје.

– За нас како онколошки пациенти, најважно е да се добијат имиња и презимиња на инволвираните лица, сѐ со цел да знаеме кои се и како да го продолжиме нашето лекување. На Онкологија, проблемот со терапии и термини е веќе долго време зборуван и потенциран од страна на пациентите, во последните недели добиваме информации од медиумите дека новата директорка и министерот веќе работат на одредени проблеми, но, само времето ќе покаже дали тоа навистина ќе се случи, беше кажано на еден од собирите.