Синот на Мијалков ги купи конфискувани станови на неговиот татко

Фирмата на Јордан Мијалков, Бест веј инвесмент, ги купи трите луксузни стана на Водно кои беа одземени од неговиот татко Сашо Мијалков во случајот ,,Империја”. Информацијата ја откриваат од Агенцијата за управување со одземен имот, споделувајќи дека нов сопственик на становите е Бест веј инвесмент.

Оваа компанија пак веќе една деценија е на синот на Мијалков.

Овие станови се наоѓаат на Водно, на улицата Славејко Арсов, во непосредна близина на куќата на Мијалков, која, исто така, беше конфискувана, но тој си ја врати тапијата откако за неа уплати еден милион евра.

Пред неколку месеци овој имот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, но сопственикот не се откриваше. Директорот Дритон Небиу за ,,Фокус” вели дека тогаш ја немале информацијата.

Гледајќи ја сумата што легна на државната сметка, пак, може да се заклучи дека продажбата поминала без големо наддавање, бидејќи била извршена речиси според вредноста на проценетите апартмани.

Па така, двата стана со површина од по 73 квадратни метри, од Бирото за вештачење беа проценети на вредност од по 101.500 евра, третиот со површина од 78 квадратни метри на 106.800 евра и гаражата од 30 квадрати за 20.400 евра.
Тие што учествувале на аукцијата, морале да наддаваат, односно не може да се оди под цената што ја одредила Бирото за судски вештачења.

Нашата пресметка покажува дека имотот бил проценет на 330.200 евра, а бил продаден за само 2.000 евра повеќе.
Па, од тука се и забелешките дека апартманите се проценети на многу ниска вредност, бидејќи за еден квадрат е барано 1.370 евра, а пазарната вредност на таа локација е до вртоглави 3.000 евра за квадрат.

Директорот Небиу за ,,Фокус” вели дека ова е парадоксална ситуација, но за жал таков е законот.

-Законот спречува само осуденото лице да не учестувува на продажбата, но не и неговата фамилија. Ова е парадоксална ситуација, и досега сум реагирал и барав измени на законот, но тоа не е направено, ни изјави директорот.