Американската и британската црна листа влегуваат во македонското законодавство, Османи го соопшти предлогот

Преку законски измени се планира да се наметне обврска и на обвинителството да отвори предмет доколку владата воведе рестрикции за некој што ќе најде на црните листи на САД и Велика Британија. Се предвидува и времено отстранување од функции во случај за некого да се покрене обвинение.

Македонските државјани и фирми кои ќе завршат на црните листи на САД и Обединетото Кралство поради корупција и злоупотреба на службената положба, ќе почувствуваат санкции и од домашните власти.

Со ваква најава денеска, 11 јануари, на околу три месеци пред избори, излезе министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако изминатата година десетина македонски граѓани – бизнисмени и функционери, завршија на американската црна листа, но во земјава речиси и да не се презеде ништо.

Министерството за надворешни работи (МНР) планира да ги вметне санкциите од двете држави во македонското законодавство преку измени на Законот за рестриктивни мерки, кој предвидува воведување рестрикции од страна на Владата. Клучно во измените е тоа што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.

Предлогот-законските измени сè уште се наоѓаат во драфт верзија и не се усвоени ниту на владина седница, а со објавата на планот, Османи сака да започне јавна расправа за да се слушнат сугестии и критики.

Неговите очекувања се оти по предлог на МНР, Владата ќе ги усвои измените на седница на 16 или 23 јануари. Планот за измени тој усно го презентирал пред колегите на Илинденска бр.2 и според неговиот впечаток, предлогот ќе добие зелено светло, за потоа да може веднаш да се испрати до Собранието. Ако има основ, не се исклучува опцијата Владата да ги испрати во парламентарна процедура и со европско знаменце.