
Симов од АЕК: Да бидеш против дата центар е исто како да си против хидроцентрали пред 100 години
Не стивнува прашината која се крена за иницијативата за дата-центарот во Пехчево кој наиде на првата пречка во Советот на општината, а веќе се јавија експертите со различни ставови.
Не стивнува прашината која се крена за иницијативата за дата-центарот во Пехчево кој наиде на првата пречка во Советот на општината, а веќе се јавија експертите со различни ставови.
Орце Симов, професор и претседател на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации смета дека дата-центрите стануваат една од клучните инфраструктури на современата економија.
Симов смета дека денес спротивставувањето на изградба на дата-центри може да се спореди со противењето на хидроцентрали и енергетската мрежа пред еден век, бидејќи станува збор за инфраструктура без која не можат да функционираат голем дел од современите дигитални услуги.
„Дата центарот можам да го дефинирам низ различни призми. Една од дефинициите која воопшто не е поврзана со тоа што всушност е дата центар е дека дата центар е мерка за економска развиеност на една земја. Тоа значи колку повеќе дата центри во една земја, толку повисок развој. На пример, највеќе дата центри има во САД, 4767, на второ место е Велика Британија со 569 дата центри, потоа следува Германија 533, Франција 393, Кина 376 и така натаму. Листа со број на дата центри по земја има во слика во коментар.
Дата центарот можам да го дефинирам низ призма на енергетика како голем потрошувач на енергија и создавач на топлина – Топлана на која може да се грееме како во Скандинавија на пример. Градежнички можам да го дефинирам и дека тоа е зграда во која живеат социјалните мрежи, интернет сервисите и вештачката интелигенција.
Но, ќе се задржам на суштинската дефиниција што е дата центар. Дата центар е капацитет (објект, зграда) во кој се наоѓаат голем број на компјутерски сервери кои служат за обработка и складирање на информации. За какви информации се работи, на пример ќе го земам Facebook. Facebook не работи на мобилниот телефон или на компјутерот од кој му пристапуваме. Каде се сместени сите слики, видеа, коментари лајкови и се што се поставува на таа мрежа? Сите тие податоци се складирани во тие така наречени дата центри. Таму има голем број на сервери кои се дистрибуирани низ повеќе локации во цел свет за да се складираат податоците и да се сервираат (испратат) до корисниците кога ќе пристапат на социјалната мрежа преку мобилен телефон или компјутер“, пишува Симов во својата анализа.
„Facebook“, „YouTube“, „Google“, „Amazon“, „Instagram“, електронското банкарство, дигиталните услуги, како и системите за вештачка интелигенција, не можат да функционираат без дата-центри, посочува Симов.
„Може многу да се зборува на темата и во детали да се објаснува. Ајде да видиме што значи тоа низ перспективата на Интернет сервиси. Дали може да постои Youtube без дата центар? Одгворот е Не. Facebook без дата центар, исто не, Amazon, Instagram, Google, Yahoo, Ali baba, Temu, електронско банкарство, дигитални услуги, ништо нема да има без дата центри. ChatGPT исто така, Claude (Antropic) и многу други.
Еден апсурд: Главната битка против дата центри се води на Интернет и социјални мрежи кои не би постоеле ако нема дата центри. Слична битка: 5G мрежи пред пет години, а сега сите сме на 5G.
Потрошувачка на електрична енергија: Дата центрите, особено ВИ дата центрите трошат многу електрична енергија. Но тие нема да ја трошат енергијата на граѓаните, тие ќе набавуваат електрична енергија на берзите за енергија како мемо или hupx.
Типови на ладење: Воздушно ладење – не троши вода. Immersion ладење – не троши вода. Директно ладење со течност, не троши вода затоа што е затворен систем. Ладење со испарување, троши вода (испарува во атмосферата) но таа со врнежи пак се враќа на земјата. Има уште неколку системи на ладење кои не трошат вода“, објаснува Симов.
Тој укажува и на економскиот потенцијал на ваквите инвестиции. Како пример ја наведува Германија, каде што „Google“ гради дата-центри со вкупна инвестиција од 5,5 милијарди евра.
Дополнителна можност Симов гледа и во поврзувањето на дата-центрите со производството на електрична енергија од обновливи извори. Македонија има голем број сончеви денови, а интересот за изградба на фотоволтаични централи е значително поголем од домашната потрошувачка.
„Бенефитот низ друг агол: Македонија е земја во која има многу сончеви денови. До пред некое време барањата на граѓани и компании за градење на фотоволтаични системи во РКЕ беа со вкупна моќност од 7 GW. Нашите потреби отприлика се околу 1 GW. Значи немаме потрошувачи, затоа на многу барањата не им се одобрени. Ако се изградат дата центри, ќе има потрошувачи, на многумина може да им се одобрат барањата да произведуваат и да ја продаваат електричната енергија. На пример, ако имаме дата центри со потрошувачка од 1 GW може да се дадат одобренија за фотоволтаици за 3 GW, 1 GW зa тековна потрошувачка, 2 за складирање за временскиот период кога не работат фотоволтаиците (батерии, водород, пумпна хидроакумулациона електрана и други начини….). Темата е многу широка“, додава првиот човек на советот на АЕК.
Симов потенцира дека при изградбата мора да се води сметка за повеќе аспекти – објектите да ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди, да бидат поставени на локации каде што нема да го нарушуваат животот на локалното население и да имаат соодветна електроенергетска инфраструктура.
„На што треба да се обрне внимание:
-Објектот да се направи по највисоки еколошки стандарди, Дата центарот да се направи на место кое нема да го попречува животот на локалното население, да се направи на место на кое има или дополнително ќе се направат доводи на електрична енергија со доволен капацитет за да не се загрози снабдувањето на постоечките потрошувачи
– Да си обезбеди електрична енергија на берзите за енергија по пазарни цени (тоа е така и според сегашната законска регулатива, спомнувам само да го нагласам тоа).
Во однос на ладењето, Симов посочува дека постојат повеќе технологии, од воздушно до затворени системи со течност, кои не бараат потрошувачка на вода. Кај системите со испарување има потрошувачка на вода, но дел од неа преку врнежите повторно се враќа во природниот циклус“, заклучува Симов и додава дека темата е широка но Македонија мора внимателно да го разгледа нивниот потенцијал и да создаде услови за инвестиции.