
Седум од десет мали и средни бизниси во Атина со полош промет од лани за време на летните попусти
Над седум од десет мали и средни бизниси во Атина, односно 71,3 отсто велат дека годинава, за време на летните попусти имале полош промет од лани, а 98 отсто од анкетираните бараат промена на институционалната рамка за попустите и враќање на построги правила, покажуваат резултатите од истражувањето на Асоцијацијата на трговци на Атина (ЕСА), јави дописничката на МИА од Атина.
Над седум од десет мали и средни бизниси во Атина, односно 71,3 отсто велат дека годинава, за време на летните попусти имале полош промет од лани, а 98 отсто од анкетираните бараат промена на институционалната рамка за попустите и враќање на построги правила, покажуваат резултатите од истражувањето на Асоцијацијата на трговци на Атина (ЕСА), јави дописничката на МИА од Атина.
Во истражувањето биле вклучени 409 мали и средни претпријатија од секторот на малопродажбата, а од ЕСА коментираа дека е „разочарувачка сликата на пазарот во текот на овогодишната летна сезона и периодот на попусти и покрај високите проценти на намалувања“, посочувајќи дека „летните попусти ја загубија својата улога и потребна е итна промена на институционалната рамка“.
Промената на законот и „ослободувањето“ на понудите, односно можноста попусти да се воведат во кој било период од годината, за осум од десет мали и средни бизниси вклучени во истражувањето значи дека потрошувачите повеќе не ги чекаат официјалните попусти, туку наоѓаат понуди во текот на целата година.
Можноста пак, за воведување попусти во текот на целата година, според 93,4 отсто од анкетираните им оди во прилог на големите компании и интернет платформите, а е на штета на малите трговци.
Претседателот на Асоцијацијата Танос Цангарис посочи дека попустите „беа и треба да останат последната алатка за распродажба на сезонските залихи за малите и средните претпријатија“.
– Но, сега, ова во суштина е поткопано од самата институционална рамка, бидејќи понудите можат да се реализираат континуирано и без ред. Потрошувачот е оптоварен од високите цени и трошоците за домување со резултат да ги промени приоритетите и потрошувачките навики. Во исто време, малите и средните претпријатија се соочуваат со зголемени оперативни трошоци и со сè поинтензивна нелојална конкуренција од големите синџири и електронските платформи. Државата мора да застане покрај малите и средните бизниси, посочи претседателот на Асоцијацијата.
Додаде дека бараат дијалог, стабилни правила и мерки, а ако нема интервенција тогаш во следните две до три години, „голем дел од малите и средните претпријатија нема да можат да опстанат и ќе стават клуч на врата“.