
СДСМ повторно реагира за блокираната евроинтеграција на Македонија порачувајќи дека изолацијата не е „достоинство“.
„Достоинството не се гради со празни фрижидери, со реформи кои не постојат и со европски пат кој е целосно запрен“, се вели во соопштението од СДСМ.
Според нив, Мицкоски ветуваше подобри преговарачки позиции со Европа, а две години подоцна резултатот е јасен: целосна блокада, нула поместување и длабока изолација. Ова не е подобра позиција. Ова претставува национален пораз за сите граѓани на Македонија.
Ветуваше дека Реформската агенда ќе биде исполнета до 1 јуни. Денес повеќе не го споменува тој рок. Европската иднина што ја ветуваше се претвори во изолација и чекање „покана од Европа“, порачува СДСМ.
Според нив, СДСМ не загрози никакви национални интереси и тоа го потврдиле самиот Мицкоски, претседателката Сиљановска и Тимчо Муцунски.
„Националниот интерес е заштитен. Затоа нивниот наратив за „отстапки“ е чиста пропаганда за внатрешна употреба. Ова што сега го прават Мицкоски и организираната криминална група ВМРО, претставува загрозување на националниот идентитет преку изолација на земјата, како и загрозување на иднината на граѓаните и на идните генерации во Македонија.
Особено е цинично кога за патриотизам и национален идентитет зборува влада во која министри, пратеници и нивните семејства имаат бугарски државјанства, европски пасоши и фирми во Бугарија. Тие си обезбедиле приватна Европа за себе и за своите семејства, а на граѓаните им продаваат лажно достоинство и лажен патриотизам.
Мицкоски дојде на власт со лаги и со лаги владее. Сега, кога нема пари за криминалните тендери, прави реконструкција на Владата само за да ја замаи јавноста и да купи време. Мицкоски преку создавање политички кризи, измените на Изборниот законик и неисполнувањето на Реформската агенда се обидува да создаде алиби за предвремени избори, бидејќи повеќе не може да го крие фактот дека нема резултати во ниту една област, дека буџетот е празен, а економијата е во катастрофална состојба. Во таа игра му помагаат и партнерите од тендер-коалиција и сателитските партии“, оценуваат од СДСМ.
Поради овие причини партијата најавува дека „нема да учествува во оваа претстава“.
„Нема да му бидеме алиби за изборите што ги бара поради паника од падот на рејтингот и празниот буџет“.