Роберт Хадсон, Иван Додовски, Ана Мартиноска и Жарко Иванов ја примија државната награда „Гоце Делчев“

Денеска во Собранието беше доделена годишната наградат „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во областа на науката.

Годинава добитници на наградата се четворица автори на две дела, а ги додели претседателот на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“, академик професор доктор Љупчо Коцарев.

Професорите Роберт Хадсон и Иван Додовски се добитници за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“.

Доктор Ана Мартиноска и магистер Жарко Иванов се добитници на наградата за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ – од архивските материјали на Васил Хаџиманов.

Со наградата „Гоце Делчев“, како што рече Елван Хасановиќ, раководителка на Секторот за наука и иновации при Министерството за образование и наука, се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата.

Според Ана Мартиноска, која се обрати од името на сите добитници, иако различни по својот жанр, јазик, подрачје и идеја, двете наградени изданија имаат главна окосница во „два фундаментални и за нас секогаш актуелни поими, Македонија и меморија“.

„Уважувањето на овие дела со наградата ‘Гоце Делчев’, не е само потврда на нивните академски квалитети, туку и признание за трансформативното влијание што науката го има во обликувањето на разбирањето за Македонија дома и во светот. Таа не само што ги надополнува постојните празнини во објаснувањето на настаните и процесите во државава, туку поставува основа за понатамошни длабински и интердисциплинарни истражувања“ – рече Мартиноска.