Ранет шефот на дроновите на Путин, неговиот телохранител загина

Основачот на рускиот производител на беспилотни летала „Уралдронзавод“, Владимир Ткачук, е тешко повреден по експлозија на автомобил-бомба во близина на Екатеринбург, во напад што претставува уште еден во низата инциденти насочени кон личности поврзани со руската воена индустрија. Веста ја потврди и Гардијан.

Основачот на рускиот производител на беспилотни летала „Уралдронзавод“, Владимир Ткачук, е тешко повреден по експлозија на автомобил-бомба во близина на Екатеринбург, во напад што претставува уште еден во низата инциденти насочени кон личности поврзани со руската воена индустрија. Веста ја потврди и Гардијан.

Според руските државни медиуми, експлозивната направа била поставена под неговиот „Мерцедес“ и експлодирала во средата. Ткачук веднаш бил префрлен во болница, додека неговиот телохранител загинал на местото на настанот.

Руската новинска агенција ТАСС објави дека Ткачук се наоѓа во критична состојба и дека лекарите се борат за неговиот живот.

На социјалните мрежи се појавија фотографии од целосно уништениот автомобил, кои сведочат за силата на експлозијата.

„Уралдронзавод“ е еден од водечките приватни производители на беспилотни летала во Русија, основан по почетокот на целосната инвазија врз Украина. Компанијата е најпозната по производството на FPV-камиказе дронот „Упир“ („Вампир“), кој се изработува со 3D-печатење во фабриката во Екатеринбург и широко го користат руските сили на украинското бојно поле.

Ткачук беше во фокусот на јавноста и во 2024 година, кога рускиот претседател Владимир Путин ја посети фабриката на „Уралдронзавод“, а токму Ткачук беше домаќин на посетата и го придружуваше низ производствените погони.

Засега нема официјални информации кој стои зад нападот, а руските власти започнаа истрага за експлозијата.

„Уралдронзавод“ и „Ткачук“ се под санкции од западните влади поради нивната улога во поддршката на руската војна. Ткачук е исто така основач на популарниот провоен Телеграм канал „Опседнат со војната“, кој има повеќе од 500.000 следбеници и се користи за собирање средства и набавка на воена опрема за руските војници кои се борат на фронтот.