Путин побара Западот да обезбеди безбедносни гаранции на Русија

Владимир Путин – претседателот на Русија денеска ја одржа својата редовна годишна прес-конференција. Тој на неа меѓудругото побара од Западот веднаш да ѝ обезбеди безбедносни гаранции на Русија.

Ваквата изјава доаѓа во период кога има растечки тензии поради трупањето руски војници на границата со Украина.

„Вие нас треба да ни дадете гаранции. Вие. И тоа не со задоцнување. Сега“ рече Путин.

Тој потврди дека САД поставиле ракетни системи на границата со Русија.

„Дали ние поставивме ракети покрај американските граници? Не. САД со неговите проектили дојдоа во нашиот дом и на прагот на нашиот дом. Дали е тоа необично барање? Не поставувајте повеќе системи за напади до нашиот дом“ – рече Путин.

На прашање дали мисли дека е веројатна нова војна меѓу Русија и Украина, тој вели:

„реакцијата што Москва ја доби од Вашингтон за списокот со барања за НАТО и европската безбедност е позитивна“.

Од Киев алармираат дека 100.000 руски војници се распоредени во близина на границата со Украина и на полуостровот Крим, окупиран од Русија.

Американски официјални лица, пак, велат дека Москва планира можна воена офанзива.

Путин вели дека не сака војна, но тврди дека ако дојде до нови борби, виновни ќе бидат Киев и Западот.