ПСЖ се подготвени да платат 180 милиони за соиграч на Елмас

Раководството на Пари Сен Жермен е подготвено да му понуди на Наполи дури 180 милиони евра за грузискиот фудбалски репрезентативец Квича Кварацкелија.

Кварацкелија (22) минатата година пристигна во Наполи од Динамо Батуми за 11,5 милиони евра.

Тој оваа сезона одигра 29 натпревари за италијанскиот клуб и постигна 13 гола со 15 асистенции.

Грузискиот фудбалер блесна оваа сезона во дресот на Наполи, а интерес за Кварацкелија покажаа бројни европски клубови, кој има договор со тимот од Неапол до 30 јуни 2027 година.

„Кориере дело спорт“ истакнува дека сопствениците на ПСЖ се подготвени да одвојат 180 милиони евра за грузискиот репрезентативец. Италијанските медиуми потсетуваат дека ПСЖ плати 180 милиони евра на Монако за Килијан Мбапе, што е втор најскап трансфер на сите времиња.

На прво место е трансферот на Нејмар во ПСЖ, откако францускиот клуб за бразилскиот фудбалер на Барселона и плати 222 милиони евра.