Професор Бојаџиев смета дека мора да правиме аранжман со ММФ, а Мизо посочува: Тешко е сега да се привлече странска инвестиција!

„НАТО е стабилноста, Македонија фала богу е во НАТО, но регионот имаме многу незатворени прашања. Што побрзо се интегрираме сите, тоа е подобро. Владата сега има многу зрела позиција дека ништо нема да се потпише пред конечен влез во ЕУ. Сега, за разлика од ситуацијата со Грција, нема буквално никакво меѓународно инволвирање, освен членството на Бугарија во ЕУ“ вели Марјан Бојаџиев – универзитетски професор во најновото издание на Трилинг.

Тој смета дека „ќе мора да правиме аранжман со ММФ, за Македонија би било добро, задолжувањето кај нас расте, а не се прави инфраструктурата. Неумереното задолжување не се прави функционално. Аранжман со ММФ е апсолутен приоритет, Груевски кога сакаше да троши неограничено, го прекина аранжманот со ММФ“.

„Најголем дел од странските инвестиции кај нас претставуваат компании од автомобилскиот сектор. Кризата ја осетивме пред формално да почне во Европа. Знаеме дека пред 2 години се затворија сите погони во Европа. Има пад на продажба на автомобили во Европа, за месец април, 10 месеци има пад, последната бројка е дека во април имало 20% помалку автомобили продадено за разлика од 2021 година, која знаеме каква беше“ вели Виктор Мизо – директор на „Костал Македонија“ во Трилинг.

Тој смета дека „инфлацијата во Европа, фактот што има војна, како тоа ќе влијае врз купувачите на автомобили, ќе видиме. Комплексно е како економиите треба да се справат со оваа состојба“.

„За затворањето на капацитети тука не верувам, но голем дел од компаниите ги праќаат вработените на принуден одмор. Многу е тешко сега да се привлече странска инвестиција која не е тука“ смета Мизо.