Протест на вработените во прилепскиот затвор

Вработените во прилепскиот Казнено-поправен дом денеска почнаа двочасовен протест пред затворот и бараат да не се носат осуденици од висок ризик затоа што ниту бројноста на вработените, ниту опременоста, а и местоположбата на институцијата не се соодветни.

Ситуацијата е критична, велат од Независниот синдикат на затворската полиција и администрација кои го почнаа протестот.

– Сакам да известам за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаат дел од затворите во државава во кои од пред извесен период се прераспределени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајции немаат услови да се справат со предизвиците. Еден од нив е и затворот во Прилеп каде веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување и во делот на човечки персонал. Директорот на Управата за санкции го посети затворот во Прилеп и нѐ извести дека не е во можност да ни излезе во пресрет и нѐ упати до министерот за правда. Ние упативме барање и до ден-денеска немаме одговор, изјави Сашо Гулески, претседател на независниот синдикат на затворската полиција и администрација во КПД – Прилеп.

Како што дополни, неговите барања се да ги повлечат затворениците од висок ризик и сѐ додека не се создадат услови во прилепскиот затвор, да не носат осуденици од висок ризик.

– Загрозена е безбедноста на колегите, затворот и управата не се во можност да излезат во пресрет да ги обезбедиме затворените лица. Комисијата од Управата констатира дека затворот во Прилеп не може да биде КПД, туку дека бараме да се врати како Установа. Сѐ додека не се направи затворен келиски систем, ние немаме услови физички да ги обезбедиме сите, дополни Гулески.