Битиќи со сметководителите: Со примената на меѓународните стандарди водењето бизнис во Македонија со исти услови како и во целиот свет!

Денеска во Куманово, потпретседателот на СДСМ и ко-носител на изборната единица 2, Фатмир Битиќи оствари средба со сметководители на која тој зборуваше за законот за вршење сметководствени работи кој Владата предводена од СДСМ го донесе 2022 година. Со овој закон, и новите меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ), компаниите во Македонија ќе го добијат истиот даночен третман на добрата и услугите (софистицирани роботи, машини, обуки на висококвалификуван персонал) како и фирмите во развиениот свет, пред се во ЕУ и САД. На овој начин се изедначуваат „правилата за игра“ на бизнис теренот, со што ние правиме уште еден чекор напред во квалитативно доближување на Северна Македонија до ЕУ, и останатите напредни економии во светот.

„Носењето на овој закон беше од клучно значење за промената која настана подоцна, односно после цели 16 години да имаме преведени и усвоени сметководствени стандарди, кои се усогласени со последното ревидирано издание од 2018 година кое е донесено и усвоено на светско ниво.“ – кажа на средбата Битиќи.

Тој истакна дека со носењето на законот за вршење сметководствени работи во 2022 беше направен уште еден квалитативен исчекор, а тоа е формирањето на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, чија основна цел е развој и следење на сите новитети во професијата, како и контрола на ИСОС како тело одговорно за сертифицирање на сметководители и овластени сметководители во Република Северна Македонија.

„Нашата држава официјално ги прифати Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) и за финансиско известување за мали и средни субјекти (МСФИ за МСС). Примената на меѓународните сметководствени стандарди и правила значително ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, во ЕУ и глобално. Со ова, водењето бизнис во Македонија ќе се одвива под исти услови како и во целиот свет почнувајќи од 1 јануари 2025“ – заклучи Битиќи