Предлог – да се укинат маските во затворен простор!

„Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите“. Ова се препораките кои денеска ги донесе Комисијата за заразни болести.

„Денеска имавме редовен состанок на Комисијата за заразни болести. Најпрво ја разгледавме епидемиолошката состојба во државата и заклучивме дека моменталните услови ни овозможуваат да размислуваме за намалување на рестриктивните мерки и се согласивме да препорачаме укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор. Од оваа мерка се исклучок здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти или како да ги класифицираме останува задолжителното носење на макси. Од сите останати затворени простор маските може да се носат само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува веќе“ рече на прес-конференција претседателот на Комисијата – Александар Петличковски.

Посочи дека задолжителното носење маски го укинуваат, но повторно препорачуваат маски да носат возрасните, тие што се имунокомпромитирани и тие кои се со хронични болести.

„За нив препораката останува. Значи, нема задолжение, но има препорака, бидејќи носењето маска е ефикасна мерка за заштита од пренесување и за заштита на здравјето“ – рече д-р Петличковски.

Според него, станува збор за две крупни промени.

„Како што зборувавме повеќе недели наназад, ние ја проценуваме епидемиолошката состојба и планираме постепено олабавување на мерките, бидејќи не сакаме наеднаш да се соочиме со зголемен ризик. Овие препораки ги препраќаме до Главниот кризен штаб“ – додаде Петличковски.

Во врска со новата подваријанта на омикрон XE, д-р Петличковски рече дека во моментов не треба да не загрижува воопшто, затоа што се работи за варијанта на повторно благи симптоми, доминантноста не е оди така како со омикронот, ништо различно од тоа што веќе е присутно.

„Тоа е еден хибрид помеѓу омикрон варијантите БА1 и БА2, значи веќе видени симптоми, начин на пренос се знае дека е високопренослива, но не ги потиснува веќе постоечките варијанти со таква прогресија како што тоа го направи омикронот и затоа во моментов не е за загрижување“ вели д-р Петличковски.