Грковска го укори Тупанчевски за патувањето во Палермо

Славица Грковска – вицепремиерката за политики за добро владеење до министерот за правда Никола Тупанчески доставила писмена опомена за непочитување на член 12 и член 17 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носители на јавни функции.

Во членот 12 се наведува дека јавните функционери не треба да бидат во ситуација на судир меѓу јавниот и приватниот интерес, додека член 17 на функционерите им забранува примање подароци.

„Како лице задолжено од Владата за следење на спроведување на Кодексот, а врз основа на информациите и податоците што министерот Тупанчески ги достави, заменик-претседателката Грковска констатира дека не е постапено согласно одредбите пропишани во Кодексот, при што меѓудругото, укажува дека согласно член 9 од Кодексот, носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција“ – велат од Кабинетот на Грковска.

Тупанчески прво тврдеше дека самиот си ги платил билетите за натпреварот и авионското патување на натпреварот Италија-Македонија, а потоа призна дека сепак платил само за хотелското сместување, додека авионскиот билет со чартерот на ФФМ и билетот за натпреварот ги добил гратис.