
Поранешен судија во Стразбур и критичар на Орбан: Кој е Андраш Бака, новиот претседател на Унгарија?
Андраш Бака беше разрешен од функцијата претседател на Врховниот суд за време на владеењето на Виктор Орбан, а подоцна успешно ја доби правната битка против унгарската држава. Денес тој е избран за претседател на Унгарија, што претставува симболичен раскин со досегашниот политички поредок.
Андраш Бака беше разрешен од функцијата претседател на Врховниот суд за време на владеењето на Виктор Орбан, а подоцна успешно ја доби правната битка против унгарската држава. Денес тој е избран за претседател на Унгарија, што претставува симболичен раскин со досегашниот политички поредок.
Тој e осмиот претседател на Унгарија по падот на комунизмот.
Унгарскиот претседател има претежно претставнички и симболични надлежности. Во членот 9 од Унгарскиот основен закон се наведува дека претседателот го изразува единството на нацијата и бдее над демократското функционирање на државните институции.
Андраш Бака, роден во 1952 година во Будимпешта во семејство на професори, важи за еден од најценетите унгарски правници и судија кој успеа да го победи државниот апарат на Орбан во спорот околу реформите во судството.
Од средината на 1980-тите години Бака истражувал како се применуваат човековите и малцинските права во различни земји. Прашањето за малцинските права било особено актуелно поради грубите прекршувања на човековите права во Романија под диктатурата на Николае Чаушеску, при што погодено било и унгарското малцинство.
Сепак, Бака не бил отворен противник на комунистичката диктатура. Тој припаѓал на групата интелектуалци кои во релативно поотворената Унгарија во 1980-тите работеле на реформи во рамките на самиот систем.
Од 1988 година активно учествувал во академски синдикални иницијативи кои одиграле значајна улога во периодот на демократските промени. По првите слободни избори во 1990 година, како независен пратеник преку листата на конзервативниот Унгарски демократски форум (МДФ), кратко време бил член на парламентот.
Од 1991 година работел како судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во 2008 година, по два мандати во Стразбур, се вратил во Унгарија и бил избран за претседател на Врховниот суд.
Национална препознатливост стекна во 2011 година, кога владата на Орбан, во рамките на судските реформи, со правен маневар го отстрани од функцијата, најверојатно затоа што претходно критикувал дел од реформските планови.
Формално, Врховниот суд бил реорганизиран во институција наречена Курија, со што престанала да постои функцијата што ја извршувал Бака. Тој, сепак, останал судија.
Бака ја оспори својата смена пред Европскиот суд за човекови права и победи во 2016 година, иако никогаш не беше вратен на функцијата. Најважниот дел од пресудата, со кој унгарската држава беше обврзана да ја поништи судската реформа, никогаш не беше спроведен.
До самиот крај Бака остана критичар на режимот на Орбан, но секогаш настапуваше од строго правна перспектива. Тој никогаш не организираше протести ниту се приклучуваше на улични демонстрации.
Образложувајќи ја неговата кандидатура за претседател, пратеничката група на Тиса соопшти:
„Андраш Бака во текот на целиот свој животен пат посветуваше особено значење на поделбата на власта и доследно се залагаше за владеење на правото и независност на судството. Неговата биографија претставува пример за посветеност на демократската правна држава и на уставните принципи.”
Како што се очекуваше, претставниците на Фидес остро ја критикуваа неговата номинација. Според нив, бидејќи разрешувањето на Шуљок во јули било незаконско, не може да постои ниту легитимен наследник. (Според медиумите)