Полските министри бегалци избегаа и од Унгарија. Таму остана само Никола Груевски

Поранешниот министер за правда заминал за САД без пасош, но со виза, додека неговиот заменик избегал во Србија пред инаугурацијата на Маѓар.

Поранешниот полски заменик-министер за правда Марчин Романовски, кој е обвинет во Полска за проневера на јавни средства, можеби ја напуштил Унгарија преку Србија, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар во интервју објавено на полскиот приватен канал ТВН24.

Маѓар е во дводневна посета на Полска, а прашањето како поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро и неговиот заменик Марчин Романовски, кои ги бараат полските обвинители, успеале да ја напуштат Унгарија пред тој да ја преземе функцијата премиер, беше тема на дискусија со полските претставници.

Маѓар на денешната прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск Маѓар рече дека за време на разговорот со неговиот домаќин „допреле до разни чувствителни прашања“, особено за политичките бегалци кои добија азил во Унгарија. „Затоа, можам да го повторам она што го кажав за време на изборната кампања, дека Унгарија нема да биде засолниште за барани криминалци“, рече Маѓар.

„Уште за време на кампањата предвидов дека поранешниот министер за правда (Збигњев Зиобро) и заменик-министер (Марчин Романовски) нема да чекаат на мојата инаугурација. Ова навистина се случи. Како што знаете, едниот од нив индиректно ја напушти Унгарија за САД. Другиот ја напушти Унгарија за Србија. Го повторив моето ветување дека сум подготвен да соработувам и да дадам помош за да се обезбеди враќање на овие лица во Полска“, изјави Маѓар.

Зиобро и Романовски, кои се обвинети за проневера на јавни средства наменети за помош на жртвите на криминалот и таргетирање на политичките противници со шпионски софтвер, добија азил во Унгарија од поранешниот премиер Виктор Орбан.

Зиобро сега е во Соединетите Држави, а според Ројтерс, заменик-државниот секретар Кристофер Ландау им наложил на високи претставници на Стејт департментот да се погрижат тој да добие виза. Полските власти му ги поништија двата пасоши на Зиобро (дипломатскиот и регуларниот) и нејасно е како тој отпатувал за САД и од каде. Визата ја добил како новинар-дописник на една конзервативна телевизиска станица.

Непознато е дали Романовски и натаму е во Србија и каде се наоѓа ако е таму.

Судот во Варшава издаде европска потерница за Романовски кон средината на февруари, додека истото барање од обвинителството против Зиобро сè уште е во постапка пред судот.

Српското Министерство за надворешни работи сè уште не одговорило на барањето на Ројтерс за коментар на информациите дадени од Маѓар.

По бегството на Зиобро и Романовски, од високопрофилните политички бегалци во Унгарија останува само поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Македонското министерството за правда одолговлекува од доставувањето на ново барање за екстрадиција, наводно собирајќи ги сите документи од судовите за досието на Груевски.

Поранешниот премиер неодамна во една голема објава на Фејсбук повторно тврдеше дека бил цел на политички прогон во Македонија, а посредно му порача на Петер Маѓар дека не знаел на што сѐ тој бил изложен во Македонија. Маѓар првиот ден по победата на изборите на неговата меѓународна прес-конференција самиот го спомна Груевски како „криминалец“ на кого не му е местото во Унгарија.

Маѓар ја одбра Варшава за прво место каде што ќе отпатува по преземањето на функцијата премиер за да ја нагласи важноста на односите меѓу двете земји, кои се ослободија од националистичките режими. Полскиот премиер Туск на прес-конференцијата ги спомена и последните години од владеењето на Орбан, кои претставуваа проблем не само за Унгарија. Тие ги попречија и полско-унгарските односи. „Но, овие никогаш не биле лоши односи меѓу Полјаците и Унгарците“, нагласи полскиот премиер. „Скоро исклучиво споделуваме заеднички интереси“, додаде тој.

Тој, исто така, му се заблагодари на Маѓар за неговата декларација за обновување на Вишеградската група.

Туск се осврна и на економијата. „Доколку е потребно, ќе понудам соработка за инвестиции во инфраструктурата, така што целиот регион ќе биде автономен и самоодржлив во однос на енергетските извори. Ќе работиме и на заеднички став за Украина. Имаме сличен став“, изјави тој.

Петар Маѓар го започна својот говор на полски и продолжи на унгарски: „Голема чест ми е да стојам тука“.

„Не е случајно што ја започнувам мојата меѓународна кампања во Полска. Зборувам за ова од самиот почеток на кампањата“, рече Петер Маѓар. „Сакав да им покажам на унгарскиот народ што е можно повеќе страни на Полска, да ги посетам сите градови каде што чука срцето на слободата во Европа. Краков, Варшава и Гдањск играат многу важна улога во ова прашање. Исто така, сакав да му се заблагодарам на полскиот народ за неговото гостопримство и на премиерот за неговата поддршка“, додаде тој.

„Лично сум подготвен да ја проширам Вишеградската група за да вклучи и други земји, можеби скандинавските земји, можеби Австрија, Хрватска, Словенија, Романија или земјите од Западен Балкан. Срцето на Европа чука во Централна и Источна Европа“, рече Маѓар. Тој додаде: „Ја користам оваа можност да ве поканам на крајот на јуни. Ќе им ја упатам поканата и на премиерите на Словачка и Чешка. Се надевам дека ќе можеме да се сретнеме во Будимпешта“.

Преземено од Независен